И дефинитивно А.Пандев не е онаа екипа од есенскиот дел. Тимот на стратегот Александар Васоски оваа пролет на три меча забележа две победи, со Македонија ЃП на гости (0:1) и дома со Победа (3:0), како и реми на гостувањето кај Шкупи (3:3).
“Пандевци“ не само што бележат добри резултати туку имаат и игра. Утре во Тетово на гости кај Шкендија тие се убедени дека ќе продолжи тој тренд.
Свој коментар за овој меч за “Спортмедиа“ има тренерот на струмичани Александар Васоски:
„Искрено и јас и сите наши играчи просто се радуваме на вакви мечеви, кога играме против Шкендија, Шкупи, Струга ТЛ. Тие ќе ни послужат самите себе си да си докажеме дека и ние имаме квалитет. Јасно е дека сега е полесно, пред стартот на пролетниот дел бевме во `длабокото` што се вели, но сега излегуваме од опасната зона. Играме добро, ќе се надигруваме и со Шкендија, нема да се браниме. Очекувам отворен и квалитен дуел, кој е подобар нека победи“ посочи Васоски.