Давид Тошевски постигна гол за Ростов 2: Ќе докажам дека сум способен за големи нешта

817

Многумина од оние кои ги следат будно збиднувањата во мак фудбалот беа со големи прашалници во главата кога периодов ќе се спомнеше името на Давид Тошевски. Момчето кое блесна во дресот на Работнички, неговиот матичен клуб, пред две сезони, и за брзо потоа направи сензационален трансфер во Русија, поточно во дресот на Ростов.

Му се предвидуваше голема кариера на младиот голгетер, но тој по заминувањето во Русија потполно се загуби. Ајде што не заигра за Ростов, не доби шанса што е и нормално според неговата младост, не успеа ниту на позајмиците каде што одеше. Тамбов, Горник Забрзе, Михаловце…. тимови каде што Тошевски требаше, мораше да ја добие потребната сениорска минутажа но истото не се случи.

Сега, по шестмесечна пауза во која што немаше клуб, Тошевски се појави во вториот тим на Ростов, со кој што секако, сеуште има актуелен договор. Постигна гол, и полека се враќа во игра.

„Жив сум… на шега ни изјави Давид Тошевски од далечниот Ростов. Се вратив зимава во клубот, настапувам за вториот тим. Имав пех, направив итна операција на очите која што мораше да биде обавена за да не се случи нешто далеку полошо. За среќа сега се е во ред, со тоа што ги пропуштив подготовките со првиот тим во Абу Даби, туку мораше да останам во Русија. Сега се е во ред. Се надевам дека повредите ќе ме одминат и ќе можам да „врзам“ дваесетина мечеви во континуитет. Тоа ми е потребно во моментов, ништо друго. Да се вратам на терен и да покажам дека се што ова ми се случи во минатото од една страна сум го заслужил, трансферот во Русија, а од друга страна било сплет на околности“ – вели Тошевски за Спортмедиа, па додава.

„Не е лесно на неполни 18 години да се замине во ваков клуб. Тоа луѓето кои не го осетиле на своја кожа не можат да го знаат. Едноставно е така, мора да се мине период на прилагодување. И повредите може да бидат поретки, но што е тука е… Не се жалам, напротив. Свесен сум дека мора напорно да работам и да докажам дека вредам многу повеќе. Јас знам дека вредам, а ќе им докажам и на сите други. Некако како да ме заборавија сите. Не се лутам, едноставно така е. Но, има простор, време, а и огромна мотивација кај мене да го покажам и докажам спротивното. Допрва доаѓа најдоброто од Давид Тошевски“ – ни изјави младиот напаѓач, кој има само 21. година во моментов.

 

ПретходноОдермат најдобар на велеслаломот во Крањска Гора
СледноШтрлек од Веспрем во понеделник потпишува за Нексе