Работнички лесно со Академија ФМП, Феникс доцна се разбуди во Кавадарци (ФОТО)

211

Работнички стави крај на низата од два порази во низа. Избраниците на Димитар Мираковски имаа далеку полесна задача, славеа против еден од најслабите тимови во Првата лига, Академија ФМП со 77-90.

За најтрофејниот кошаркарки колектив ова беше деветта победа, а има осум порази. На другата страна Тони Симиќ и неговите момци иако пружија силен отпор сепак поразот број 15 беше неизбежен.

Малешевиќ со 24 поени беше прв стрелец, Џелетовиќ имаше 19, еден помалку запиша Нотиџ. Кај домашниот тим, Меквин запиша 17 поени.

По 20-23 во првата четвртина, гостите со нешто подобра игра во вториот период на одморот зголемија на 37-48. Домашниот тим се обиде да го направи овој дуел поинтересен, одигра рамноправна трета четвртина (24-24), но кошаркарите на Работнички во финишот беа на ниво на задачата.

Во Кавадарци пак не видовме дерби иако се очекуваше еден поинаков натпревар, мала драма имаше во финишот, но беше доцна за нешто повеќе. Еуро Никел дојде до важни бодови против Феникс, го совлада со 78-69 и го прескокна на табелата.

Две добри четвритини беа доволни за да кавадарчани осигураат победа од оваа пресметка. Дадоа по 27 поени, па на полувремето водството беше 54-30. Феникс беше под нивото, едноставно го одигра еден од најслабите мечеви оваа сезона.

Вистинското лице на овој тим го видовме во третата четвртина ја добија со 18-9, период во кој Еуро Никел остана без „муниција“, не одеше ништо, се форсираа индивидуални акции кои не вродија плод.

Феникс влезе во мини-хаос, но сепак успеа да намали на седум поени негатива 74-67 на нецели 40 секунди до крајот. Искусниот состав на Еуро Никел не дозволи изненадување.

Балмазовиќ и Гавриловиќ имаа по 16 поени, Петков на другата страна беше стрелец на 18 поени.

ПретходноЧудо во Гелзенкирхен: Шалке го сопре забревтаниот Дортмунд! (ВИДЕО)
СледноMamma Mia: Ова е Марадона или Кварадона? Неапол во транс, титулата веќе е под Везув! (ВИДЕО)