На стартот на новото ПМФЛ коло, екипата на Силекс на домашен терен славеше со 3:1, над тимот на Скопје.
Стрелци на головите за домашниот тим беа Катаниќ во првото полувреме односно во деветтата минута, и на двапати Марко Ѓорѓиевски во вториот дел, во 74. односно во 94. минута. За гостите пак погоди Бујар Хајдари во 53. минута.
Домаќинот рано дојде до водство, преку Катаниќ, но мечот со сигурност ќе отидеше во друг правец доколку на средина од првиот дел не беше поништен регуларниот гол на Скопје. Омерагиќ излезе сам пред Божиновски, погоди, но помишникот Цветаноски покажа офсајд.
Веднаш се виде дека ова е сомнителна одлука, што снимката дефинитивно покажа. Резултатот остана 1:0 на полувреме, а Скопје сепак, дојде до израмнување преку Хајдари. Со глава одлично се снајде младиот напаѓач во петерецот на домашните. Сепак, Силекс возвраќа со супер измената во Марко Ѓорѓиевски кој погоди за 2:1, а потоа и за конечни 3:1.
Силекс стигна до 35. бода, додека Скопје остана на своите 14.