МЗТ Скопје во малку невообичаен термин (12 часот) ќе ги одмери силите против Мега во рамките на 21. коло во АБА-лига. Актуелниот македонски првак ја продолжува битката за опстанок во ова натпреварување и натаму е последен на табелата, но во последните мечеви покажа дека токму таа позиција на е реална за моменталната форма во која се наоѓаат кошаркарите.
Избраниците на Драган Николиќ зад себе го имаат триумф против ФМП на домашен терен, па во Белград дојдоа со голема самодоверба и одлична атмосфера, која треба да ја преточат на теренот за да дојдат до целиот плен.
Триумф ќе значи, нов голем исчекор кон опстанокот против тимот кој е во горниот дел од табелата, но кој исто така падна во Скопје.
„Пред нас е исклучително важен натпревар во борбата за остварување на примарната цел во АБА-лига, а тоа е опстанокот. Играме добро во последно време, формата е во нагорна линија. Ќе сториме се да ја искористиме позитивната енергија и да пробаме да славиме во Белград“, изјави Дастин Вер.
МЗТ Скопје има скор од четири победи и 16 порази, бодовите на гостински терен се многу значајни во оваа трка за опстанок.