Дино Михолов, големиот талент на штипскиот фудбал, вчера го имаше своето официјално деби во дресот на Брегалница на еден првенствен меч во ПМФЛ. Тој вчера на дуелот со Победа, кој штипските „сини“ го добија убедливо со 4:0, влезе во игра во 80. минута и ги одигра последните десетина минути од овој меч.
Михолов во јануари наполни само 18 години, веќе неколку месеци е дел од првиот тим, беше на подготовките со екипата и во Анталија, а вчера го имаше и своето официјално деби.
Според зборовите на тренерот Брегалница, Горан Здравков, пред младиот и талентиран фудбалер е убава фудбалска иднина.
„Михолов е дете на Брегалница, ги мина сите возрасни категории на клубот, штипјанче. Игра во нападот, секако дека поседува огромен потенцијал, ако не било така тогаш нема да биде каде што е сега. Познато е дека ние како клуб посебно внимание им посветуваме на младите и талентирани момци, пред него е светла фудбалска иднина, но најмногу зависи од него. Што е до нас ние и натаму ќе му даваме шанса, секако дека ќе добива минутажа“ ни изјави Здравков за младиот Михолов.