Како што ни беше официјално потврдено од страна на Судиската комисија, истата во текот на денешниот ден му се извини на ФК Тетекс за судиската анализа на мечот со Караорман.
Да се потсетиме дека во првичната анализа, Судиската комисија потврди дека при постигнувањето на голот на Караорман немало судиска грешка и дека тој е регуларно постигнат.
Но, денеска има нови моменти, за тоа свој коментар има претседателот на Судиската комисија, Димитар Мечкаровски кој за “Спортмедиа“ изјави:
“Да, точно е дека ние како Судиската комисија и јас како прв човек му се извинивме на ФК Тетекс. Нема што да се крие, немавме вистинско видео или страна убаво да се види таа позиција. Сега кога се гледа, не можеме да се правиме дека не е така. Ова е за доброто на фудбалот, со ова покажуваме дека ние по секоја цена сакаме да биде се чисто и регуларно во однос на судењето. Не криеме ништо“ изјави Мечкаровски.
Во рамките на спортскиот дух, од ФК Тетекс официјално се произнесоа дека го прифаќаат извинувањето на Судиската комисија при ФФМ.