Пишува: Зоран Ѓоршоски
Значи се можело. И тоа со далеку “поефтин“ тим од минатата година и минатата сезона. Се разбира дека тука мислиме на Брегалница предводена од стратегот Горан Здравков. Чалам доби шанса од првиот човек на клубот Кире Гогов, и засега се оди како од соништата. Пет меча, три победи и две ремија, и само еден примен гол.
Нема што, Брегалница си гази, а тоа најубаво се виде на вчерашниот меч во Штип кога Победа беше торпедирана со 4:0, иако можеше тој триумф да биде уште поубедлив.
Значи до тренерот било…ех, што ли ќе беше ако раководството на Брегалница го назначеше Чалам уште на стартот од оваа сезона?
Секако дека ќе значеше и Европа.
И сега сите се среќни, а најмногу “фалангата, која сега може да се ЧАЛАМИ.
Струга ТЛ испушти два златни бода во битката за титулата, па така ако се знае дека Шкупи го победи Работнички, сега таа разлика е само +2 за стружани.
Сепак, сепак белег на колото секако дека враќањето на Шкендија во “игра“ за титулата. На девет кола до крајот сега тетовци имаат само -5 бодови во однос на Струга ТЛ.
Допрва битката за пехарот ќе се вжештува, допрва, и тоа кога Шкендија ќе игра со Шкупи и Струга ТЛ, а може да решава и последното коло во кое стружани дома го дочекуваат Шкупи.
Можеби ПМФЛ сезонава нема доволно квалитет, но затоа е интересно во секој случај.