Селекторот на фудбалската репрезентација на Италија, Роберто Манчини потврди дека напаѓачот со аргентинско потекло Матео Ретеги ќе биде повикан во дресот на „аѕурите“ за натпреварите против Англија и Малта во квалификациите за ЕП 2024.
Манчини во понеделникот потврди дека напаѓачот со аргентинско потекло ќе биде дел од тимот за време на претстојната меѓународна пауза.
„Го следиме Ретеги некое време, тој игра редовно во аргентинската лига веќе две сезони. Тој има квалитети кои ни недостасуваат во моментов. Мислевме дека не сака да се придружи, но тој ја прифати нашата покана, па го повикавме“, потврди Манчини.
Недостигот на опции во нападот на Манчини значи дека Ретеги не само што може да биде дел од тимот, туку може да започне и против Англија на стадионот „Диего Марадона“ во Неапол на 23 март, во воведниот натпревар од квалификациите за Евро 2024 година.
Чиро Имобиле и Џакомо Распадори моментално се повредени. Ретеги е роден во Буенос Аирес и никогаш не играл во Европа. Потекнува од младинската школа на Ривер Плата, а подоцна се пресели во Бока Јуниорс. Моментно го носи дресот на аргентински Тигре. Неговите дедо и баба се по потекло од Сицилија.