Последното 17 коло во Првата лига заврши со сензација, креатор на истата беше тимот на Чаир 2030 кој на домашен терен го совлада Пелистер со 88-77. За домашниот тим ова беше петти триумф оваа сезона, додека на другата страна битолчани го запишаа четвртиот пораз и сега веќе се чекор назад зад лидерот МЗТ Скопје.
Убиствен за Пелистер беше токму екс-играчот, Мустафица, кој премина во редовите на Чаир. Тој запиша дабл-дабл од 28 поени и 15 скока, зад него беше Мохамед со 22 поени и 1о скока. На другата страна Карутерс имаше 26 поени.
Првата четвртина не најавуваше изненадување. Пелистер поведе со 6-12, па 16-21. Иако Чаир на теренот и во втората четвртина пружи силен отпор и кога имаше негатива од 25-33, сепак се чинеше дека дуелот ќе оди во една насока.
Кошаркарите на домашниот состав беа трпеливи, со серија од 9-0 на стартот на третата четвртина поведоа со 44-39. Нешто подоцна со нов бран од 16-1 дојдоа на плус 15 (62-47). Најголемата предност во овој дел изнесуваше 16 поени разлика (65-49). Избраниците на Марјан Илиевски беа шокирани, не најдоа начин како да се вратат на овој дуел, од минута во минута тонеа, а негативата растеше, стигна до 20 поени (80-60). Тука веќе беше јасно дека Чаир ќе биде хитот на ова коло.