Чеферин најави санкции за клубовите кои забрануваат присуство на гостински навивачи

266

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, им се закани со санкции на клубовите и нивните градови кои одбиваат да ги угостат навивачите на противничките клубови.

Реакцијата на Чеферин стигна откако реваншот од осминафиналето меѓу Наполи и Ајнтрахт во Неапол ќе се одигра без германски навивачи, бидејќи локалните власти одлучија да не им продаваат билети поради страв од нереди.

Првиот човек на УЕФА, говорејќи за германската телевизија, оваа забрана ја оцени како „лоша одлука“ и посочи дека може да се воведе правило клубовите да не играат во своите градови доколку властите забранат доаѓање на гостински навивачи.

Локалните власти најпрво му забранија на Наполи да продава билети на луѓе кои живеат во Германија поради страв од нарушување на јавниот ред. Откако судот ја укина оваа одлука, на барање на Ајнтрахт беше издадена нова забрана, овојпат само за лицата кои живеат во Франкфурт.

Чеферин рече дека е неприфатливо „италијанските власти едноставно да одлучат да забранат присуство на нечии навивачи“.

ПретходноЏерард и Лампард се најсериозни кандидати за селектор на младата репрезентација на Англија
СледноКлупската каса е „тенка“: ПСЖ ги прекина преговорите за нови договори на Меси и Рамос