Реал Мадрид се пласира во четвртфиналето на Лигата на шампионите откако на „Сантијаго Бернабеу“ го совладаа Ливерпул со 1:0 пред 63.000 гледачи, потврдувајќи ги убедливите 5:2 од „Енфилд“.
Во натпревар со многу шанси на двете страни, решавачкиот гол го постигна Карим Бензема во 78. минута. На крајот од мечот на „Сантијаго Бернабеу“ се слушна „You’ll Never Walk Alone“, познатата химна на Ливерпул. По натпреварот тренерот на Реал, Карло Анчелоти откри зошто.
„На првиот меч на „Енфилд“ и оддадоа почит на починатата легенда на Реал Амансио. Мислам дека ова е фер гест од нашиот клуб кон нив“, изјави Италијанецот. Истото прашање му беше поставено и на тренерот на „црвените“, Јирген Клоп.
„YNWA на Бернабеу? Тоа е многу убав гест. Реал Мадрид е голем клуб, ние сме среќни што игравме против нив“, изјави Германецот.