Николиќ: Пред МЗТ се 200 минути до крајот на сезоната – секоја од нив мораме да ја искористиме максимално!

131

По поразот од Мега на гостински терен, МЗТ Скопје се врти кон предизвик во АБА-лига, поточно во битката за опстанок во елитното друштво. Нова пречка на овој тежок пат е тимот на Игокеа, кој денеска (17 часот) гостува во СЦ „Јане Сандански“. Станува збор за противник кој во минатото коло го совлада ФМП и има две победи повеќе од актуелниот македонски првак.

Тренерот на МЗТ Скопје, Драган Николиќ и за оваа средба побара помош од фановите, дефинитивно со нив на трибините неговите кошаркари подобро изгледаат на теренот.

„Се радувам на средбата против мојот поранешен клуб, за кој ме врзуваат убави спомени и кој важи за еден од најдобро организираните во АВА. Предводен е од млад и преспективен тренер и е на чекор да обезбеди продолжување на низата на настапи со најдобрите во регионот. Пред МЗТ Скопје се уште 200 минути до крајот на сезоната и планираме секоја од нив да ја искористиме максимално квалитетно и добро на патот кон остварувањето на нашата единствена цел – опстанок во јадранската елита. Очекуван квалитетен меч, пред полни трибини каде во големиот број е нашиот шести играч. Од нашите верни навивачи чекаме помош и бројност“, изјави Драган Николиќ.

Мајкл Кефи, еден од подобрите во дресот на МЗТ Скопје потенцира дека мора да се оставри срцето на теренот.

„Само со верба во сопствените можности и почитување на она што го подготвувавме оваа недела можеме да дојдеме до победа против Игокеа. Важен меч на кој треба да го оставиме срцето на терен, бидејќи само така можеме да ја оствариме цел, а со тоа и да ги израдуваме нашите навивачи“, изјави Кефи.

ПретходноПМФЛ: „Пандевци“ посакуваат бод(ови) од дербито со Шкупи, лидерот гостува кај својот редовен пациент!
СледноРибакина ја шокираше најдобрата тенисерска за финале со Сабаленка!