Новак Ѓоковиќ и официјално се повлече од настап на турнирот од серијата Мастерс 1000 во Мајами, каде шест пати ја освојуваше титулата.Тој нема да биде во Мајами бидејќи не е вакциниран за коронавирус. Добро е познато дека САД не прима странски државјани без вакцина.
„Очигледно, дека ние како еден од најголемите турнири во светот, сакаме тука да играат најдобрите тенисери во светот. Направивме се што можевме, разговаравме со Владата, но тоа сега не ни појде од рака. Секако дека би сакале тој да биде таму, но се случи истиот резултат како во Индијан Велс. Се обидовме да му овозможиме на Новак Ѓоковиќ да игра, да се направи исклучок, но тоа не беше можно“, велат организаторите.
Неиграњето на Мастерсот во Мајами може да значи и губење на првото место на АТП ранг-листата, посебно доколку Карлос Алкарас победи во Индијан Велс. Доколку Шпанецот слави во Индијан Велс ќе има 7.420 бодови, додека Ѓоковиќ ќе остане на 7.160 бодови.
Прв настап на турнир од серијата Мастерс 1000 за Ѓоковиќ ќе биде во Монте Карло.