Пишува: Зоран Ѓоршоски
По одиграното 24.коло во ПМФЛ следува двонеделна пауза поради репрезентативните обврски. Сепак време е за една анализа на колото.
И повеќе од јасно е дека не чека пеколна трка за титулата. Струга ТЛ сега има 46 бодови, Шкупи 42 а Шкендија 41.
Ако се знае дека знае дека до крајот им остануваат на сите три претенденти за тронот по осум натпревари, тогаш јасно е дека финишот на сезоната 2022/23 ќе биде супер интересен.
Струга ТЛ си тера по планот, го победи својот пациент Работнички среде Скопје и освои три екстра значајни бода. Шкупи и дефинитивно “поткашлува“. Лани кога беше шампион не им се случуваше на чаирчани во серија да губат бодови на таков начин. Натпреварите ги решаваа со стил, оваа сезона не е така. Има нешто што таму не „штима“ како што треба, тоа се гледа од авион.
Шкендија е опасна. И дефинитивно се врати во игра, влезе во победнича серија и тоа без најдобриот, без Дориев. Можеме само да претпоставиме што ќе биде кога и тој ќе се врати. Сепак, реално, Шкендија има екипа за титула, ова не е случајно, само прашање на време беше кога и како Ќато ќе го склопи мозаикот. Иако не блескаа на Автокоманда тетовци знаеја што треба да сторат, и го сторија.
Брегалница беше слободна, од Тиквеш се очекуваше многу повеќе. Скопје со Јонуз игра добро, но не може да победи, додека Победа си тера по старо и затоа повеќе од јасно е дека најфудбалскиот град во Македонија во следната сезона ќе гледа второлигашки фудбал.