Лацио ја победи Рома со 1:0 во римското дерби во Серија А. Единствениот гол беше постигнат во 65. минута, кога Матија Закањи многу убаво погоди од спротивниот агол од голот на Рома.
Како и повеќето римски дербија, така и ова беше тензично, а судијата додели три црвени картони. Судирите продолжија во соблекувалната, каде суспендираниот тренер на Рома, Жозе Мурињо се судри со претседателот на Лацио, Клаудио Лотито. Како што пишува Газета, се започнало кога Алесио Ромањоли славел победа пред соблекувалната на Рома, а тоа го налутило Џанлука Манчини кој го нападнал.
Претседателот на Лацио се втурнал меѓу нив за да ги расчисти работите, а потоа се вклучи и Мурињо, кој ја издржуваше суспензијата.
„Што гледаш?“ му рекол Мурињо на Лотито, на што претседателот на Лацио одговорил: „Јас сум претседател на Лацио, а кој си ти. Ова е мојот дом и воопшто не треба да бидеш таму“.
Мешаницата продолжила, влетале и помошните тренери и персоналот, но набрзо се смирила ситуацијата. Инаку, на Мурињо му беше дозволено да биде во соблекувалната на Рома иако беше суспендиран. Италијанската федерација му даде посебна дозвола.