Пишува: Зоран Ѓоршоски
Интересен меч завчера во Струмица меѓу А. Пандев и Шкупи. Бодови кои живот значат и за едните и за другите. Гостите од Чаир поведоа со 0:1 со голот на Гаги Маргвелашвили, за да домашните преку Велиновски израмнија на 1:1 од пенал во 79.минута.
Сепак, сепак “најинтересно“ било во текот на мечот меѓу двете клупи предводени од Александар Васоски и Гоце Седлоски. Некогашни колеги од стручниот штаб на Вардар, потоа и колеги од репрезентацијата на Македонија во која долго играа заедно во одбраната.
И двајцата важат за едни од нашите најдобри фудбалери во историјата.
А завчера било хаос, навреди, покажување непристојни гестови, извици, пцуење и слично, да и тоа она нашето – а бре за кого вие играте?
Седлоски започнал со навредите кон Васоски, сите тоа кои што биле на стадионот во Струмица го виделе и слушнале. А овој вратил, едноставно и двајцата јако ја спукаа. Веројатно во догледно време нема очи да си видат.
Се разбира непотребно, фудбалот е таков, денеска победуваш а утре губиш. Да, секогаш за војна и љубов потребни се двајца, но исто така многу важно е кој прв почна…а тие што завчера беа на стадионот во Струмица и тоа како знаат кој прв почна.
После натпреварот немало поздрав меѓу Васоски и Седлоски, оној спортски, без разлика на резултатот. Така е тоа кога страстите ќе зовријат, непотребно.
Да се надеваме дека ова ќе биде само една несреќна и непотребна епизода, зошто и двајцата долго време и натаму треба да бидат во мак – фудбалот.
Уште еднаш, и двајцата заедно го водеа Вардар кога освојуваше титули, и двајцата се шампионски тренери и двајцата важеа за големи и одлични фудбалери, долгогодишни репрезентативци на Македонија, кога заедно играа во дефанзивата.