Дербито од 21.коло во ВМФЛ меѓу Воска и Пелистер требаше да се одигра во саботата,но беше одложено, на барање на МВР, за денеска и тоа поради средбата Вучиќ –Курти во Охрид.
Па така денеска од 15 часот на стадионот СРЦ “Билјанини Извори“ во Охрид ќе се одигра еден од најважните мечеви оваа пролет во ВМФЛ, посебно за Пелистер.
Битолчани оваа пролет под водство на стратегот Бобан Бабунски се речиси перфектни, на петте средби имаат четири победи и едно реми, она со Гостивар на гости.Сепак јасно е дека ако сака Пелистер и натаму да се надева на пласман во елитата или барем на бараж, денеска на гости кај Воска мора да дојде до добар резултат.
Со ова се сложува и самиот Бабунски кој за “Спортмедиа“ истакна:
“Многу, многу важен меч и за двете екипи, а посебно за нас. Ние како клуб максимално сме подготвени, од синоќа сме во Охрид каде ноќта бевме во карантин во еден од тукашните хотели. Што да се каже за дербито. Воска е во мала предност ако се види табелата, но ова е фудбал, се е можно. Гостуваме на квалитетен тим, имаат игра,имаат резултати, навистина Воска треба да се респектира, секоја чест за охриѓани за она што досега го покажаа. Ние сме свесни за нашиот квалитет.Играме добро оваа пролет, знаеме што сакаме, не се спорни нашите амбиции и цели. Не можеме да ветиме ништо повеќе освен тоа дека Пелистер како и на секој меч така и на овој ќе оди на победа. Ќе видиме после мечот дали сме успеале или не. Сите знаеме дека овој натпревар не е пресуден, но дека е еден од решавачките тоа сигурно“ заврши Бабунски.
Натпреварот ќе почне во 15 часот а главен судија ќе биде Јосип Бартон, еден од нашите најдобри делители на правдата.
Во прсрет на денешниот дуел табелата на врвот изгледа вака:
Вардар 52 бода (21 меч), Гостивар 48 (21 меч), Воска 47 (20 меча), Пелистер 43 (20 меча)….