Нашата А-репрезентација утре на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, со почеток од 20:45 часот ги “отвара“ квалификациите за ЕВРО 2024. Прв ривал ни е селекцијата на Малта. Селекција која не смее да се потцени, но и селекција која треба да се победи.
Во пресрет на утрешниот меч, на попладневниот прес на Арената, селекторот на Малта, Микеле Марколини го кажа и ова:
„Среќен сум со тимот кој го имам во моментов. Спремни сме да го дадеме максимумот на утрешниот натпревар против Македонија. Се подготвувавме со голем интензитет и посветеност и се надевам на добра кампања во овој мартовски циклус. Мора да се знае дека оваа група убедливо е најсилна, Англија, Италија, Украина, Македонија, ова се селекциите со кои ќе играме. Ова е реалноста. Мора да играме без страв, само така можеме да направиме нешто“.
Тој не заборави покрај другото да говори и во суперлативи за нашата селекција:
“Горд сум што сум селектор на Малта, благодарам на довербата. Ќе дадам се од себе да помогнам Малта да направи нешто што ќе се памети. Првпат сум селектор на една земја. Сепак фудбал е фудбал, и теренот е ист насекаде. Не знам колку и дали Македонија е подобра од нас, на терен тоа ќе се покаже. Сепак Македонија е силна селекција, беше на еден меч до пласман на СП во Катар. Ние мора да мислиме на себе а не на противникот“ заврши селекторот на Малта.