Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, денеска на официјалната прес-конференција пред утрешната средба со Малта на стартот од квалификациите за ЕП 2024 вели дека на овој меч се ќе зависи од нашиот настап.
„Анализите се од последните четири нивни мечеви. Тоа не значи дека ќе биде така затоа што имаат нов селектор. Станува збор за квалитетна селекција против која имаме максимален респект. Се што ќе се случува утре зависи само од нас. Од првиот ден како селектор создаваме тим за овие квалификации. Се што работевме периодов е за ова сега. Полека момците се вклопуваат, особено оние кои се нови. Ова е тим од момци со кои е задоволство е да се работи. Мора да покажеме на терен дека сме на високо ниво. Да, имавме проблем со реализација, но мислам дека со игра и тој сегмент ќе го подобриме. Нашата лига мора да ја подобриме. Ако немате база прашање на време е кога проблемите ќе се префрлат во А репрезентација. Апелирам до клубовите да сфатат дека ние од нив зависиме и дека мора да напредуваат за да имаме простор за повик на играчи од домашната лига. Македонија е подобра во моментов од Малта. Ние елиминиравме репрезентација како Италија. Но тоа е историја и утре е нов меч како за нас така и за Малта“, вели Милевски.
Селекторот ја потврди повредата на Бабунски.
„Доријан дефинитивно не може да настапи утре. Неговата повреда е потврдена од лекарскиот тим. Останатите се добри, и се надевам дека така ќе биде и после тренингот денеска“.