Патот до Германија: Сè што треба да знаете за квалификациите за Евро 2024

1073

Утревечер започнува новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2024. Европските фудбалски репрезентации почнуваат со битките за пласман на Европското првенство кое следната година ќе се одржи во Германија. Еве ги деталите кои треба да ги знаете пред почетокот на овој квалификациски период.

Исто како и пред три години, и на претстојното Европско првенство ќе учествуваат 24 земји. Германија како домаќин веќе е сигурна и таа нема да биде дел од овие квалификации, иако имаше и таква можност за да остане во натпреварувачка форма до самото првенство, но Германците не сакаа да играат во некоја од квалификациските групи без резултатско значење. Според тоа, остануваат уште 23 слободни места за завршниот турнир. 20 од тие „евро-билети“ ќе бидат поделени низ десетте групи во првиот квалификациски циклус.

Според формулата на УЕФА, десет победници на групите и десет второпласирани репрезентации во секоја од групите ќе обезбедат место на завршницата на Евро 2024. Преостанатите три билети може да се заработат низ т.н. плеј-оф. Имено, сите победници на групите од минатото издание на Лигата на нации А, Б и Ц ќе добијат втора шанса за место на ЕП 2024 низ т.н. плеј-оф, но само доколку не обезбедат место на првенството низ овие квалификации. Ако некој од тие победници (Холандија, Хрватска, Шпанија, Италија, Израел, Босна и Херцеговина, Србија, Шкотска, Грузија, Грција, Турција и Казахстан) не успеат низ квалификации да обезбедат место во Германија, ќе играат во плеј-офот за последните три слободни места.

За време на новиот квалификациски циклус, играчите ќе имаат автоматска суспензија на еден натпревар по добивањето на третиот жолт картон. Понатаму суспензии ќе следуваат и за петтиот жолт картон, како и за секој нареден жолт картон. Пред почетокот на плеј-офот сите играчи почнуваат со чиста картон-листа.

На селекторите им е дозволено да вклучат 23 играчи во изборот за секој натпревар. За време на секој натпревар, селекторите ќе можат да прават по пет замени. ВАР системот ќе биде во сила на сите натпревари.

Македонија е во групата „Ц“ заедно со репрезентациите на Италија, Англија, Украина и Малта. Првиот меч ќе го одиграме вече утре (20.45 ч.) во Скопје против селекцијата на Малта. Ова е комплетниот распоред на Македонија до крајот на квалификациите за ЕП 2024:

23.03 🇲🇰 Македонија – Малта

16.06 🇲🇰 Македонија – Украина

19.06 Англија – Македонија 🇲🇰

09.09 🇲🇰 Македонија – Италија

12.09 Малта – Македонија 🇲🇰

14.10 Украина – Македонија 🇲🇰

17.11 Италија – Македонија 🇲🇰

20.11 🇲🇰 Македонија – Англија

ПретходноРистовски: Нема што да криеме, сакаме да почнеме со победа
СледноТешка повреда на Пол Џорџ, дали за него заврши сезоната?