Изминатиот викенд во Истанбул се одржа 24-то Генерално собрание на Балканската одбојкарска асоцијација на која беа донесени и одлуките за организаторите на младинските Балкански шампионати оваа година.
Македонија не се пријави за организатор на ниту едно од првенствата на затворено, но ОФМ ќе се обиде да ја добие организацијта на БП во одбојка на песок за играчи до 22 години. БВА на собранието во Истанбул не одлучи за организаторите на првенствата во одбојка на песок, а истата ја остави за наредниот период во договор со заинтересираните федерации.
Според договорот постигнат во Турција, годинава Србија, Бугарија, Албанија и Босна и Херцеговина добија организација на младинските балкански шампионати.
Женското БП за кадетки (до 17 години) ќе се одржи во Србија од 1 до 5 јули и на него Македонија ќе биде во групата „Б“ заедно со Турција и Црна Гора.
Машкото кадетско првенство (У17) ќе биде од 5 до 9 јули во Албанија, а Македонија ќе биде во групата „А“ со Албанија, Турција и Србија.
Машкото младинско БП (до 19 години) ќе биде во Бугарија од 10 до 14 јули, а женското од 11 до 15 јули во Албанија. Македонија не пријави свое учество на овие првенства во ова авозрасна категорија.
Своја репрезентација немаме и на У21 првенството за жени кое ќе се одржи во БиХ од 2 до 6 август.