Старт на квалификациите за ЕВРО 2024: Можеме, сакаме, мораме… Македонија оди на победа!

399

Вечерва од 20:45 часот на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, нашата А-репрезентација го стартува квалификацискиот циклус за пласман на ЕВРО 2024. Прв ривал ни е селекцијата на Малта, според рејтингот најслабата селекцијата во групата-Ц, во која се уште и Англија, Италија и Украина.

Ова е голема шанса, ако веќе ги споредуваме квалитетите на Македонија и Малта, да стартуваме со победа, со три бода, како од јуни натаму, кога ќе продолжат квалификациите за нас, да ни биде полесно.

Јасно е дека секој старт е многу значаен, не дека е пресуден, но ќе биде добар показател што можеме во овие кввалификации. Така ќе биде и вечерва против Малта.

Нема дилеми дека цела спортска, а пред се фудбалска јавност посакува победа, но и добра игра од момците на селекторот Благоја Милевски кој по подолго време ќе ги има заедно во тимот Елмас, Адеми, Ристовски, Барди, Нестор, Џани…и останатите. Велиме заедно зошто во изминатата година Милевски постојано имаше проблеми со повреди на клучните играчи.

Оваа генерација по пласманот на ЕП во 2017 за младинци, по настапот на ЕВРО 2020, како и по пласманот на завршниот бараж за СП во Катар, покажа и докаже дека има потенцијал за големи нешта. Среќата не беше со нас при ждрепката, но сепак некои работи зависат и од нас.

Ние треба да бидеме вистинските како што тоа бевме пред една година, кога на пример среде Палермо ја нокаутиравме една Италија.

Играчите и стручниот штаб се свесни дека вечерва почнува патот кон ЕВРО 2024 и дека од вечерашниот меч зависат многу работи за нас во нашата група.

Македонија сака, Македонија може и Македонија мора да победи вечерва. Секако дека не е време за некој посебен притисок, но не треба исто така и да се задоволуваме со ништо друго освен со победа и тоа со стил.

Да покажеме кои сме и што сме.

Затоа напред момци, Македонија е со вас.

Напред Македонија…

ПретходноСрамно: Англиските навивачи го згрозија фудбалскиот свет! (ФОТО)
СледноСтартуваа квалификациите за ЕВРО 2024: Словенија со пресврт до триумф во Астана!