Репрезентацијата на Македонија со победа од 2:1 над Малта ја почна квалификациската група за пласман на ЕП 2024 година. Во првото полувреме се мачевме да направиме конкретна шанса, а во второто по влегувањето на Чурлинов и Несторовски работите се сменија и набрзина дадовме два гола кои потоа ни ја донесоа победата.
Селекторот Благоја Милевски доби црвен картон во финишот, а за мечот кажа:
„Честитки за момците, за енергијата, желбата и тактичката дисциплина што ја покажаа на овој натпревар. Ваквите мечеви како со Малта се најопасни. Честитки на момците за тоа како одиграа и како го завршија мечот – со победа што е и најважно“, изјави Милевски.
Тој доби и црвен картон во финишот по расправија со судијата.
„Црвен картон добив затоа што сум го напуштил ограничениот простор за што се дава жолт картон, но ете јас бев исклучен“, додаде нашиот селектор.
Задоволен е како се развива екипата:
„Од меч во меч се подобро играме. Треба време за да се создаде хемија меѓу играчите. Се повеќе личиме на тим каков што сакам. Тоа го покажуваме од собир на собир. Во првото полувреме мораше акциите да ги завршуваме со повеќе удари на гол, а не можам да не сум задоволен од второто полувреме. Штета за играчите што оваа победа не е со повеќе голови. Пред се поради нив и нивната самодоверба.
Искрено, од Малта очекував и подобро издание. Се покажаа одлично во транзиција, по одземена топка имаат добри тркачи. Но ние добро реагиравме на сето тоа. Најтешко е да се игра против вакви селекции Малта, Исланд, Фарски Острови… Секогаш морате да сте на високо ниво. Задоволен сум од севкупниот впечаток“, заклучи Милевски.
За состојбата на Адеми и на Зајков, кој се повреди во финишот на мечот тој кажа:
„Адеми почувствува болка на тренингот. Сепак, не е ништо страшно. Ѓоко Зајков со Прва помош е однесен во болница. Чекаме информација да видиме за што се работи“.