Почнува трката по билет за Евро 2024: Спектакл за старт, во Неапол реприза на последното европско финале

173

Денеска и официјално тргнува квалификацискиот циклус за пласман на следното европско првенство кое ќе се одржи во Германија следната година. Во фокусот на натпреварите во првиот ден од квалификациите е дербито во групата „Ц“ во која се наоѓа и нашата фудбалска репрезентација, дуелот на великаните на европската фудбалска сцена, Италија и Англија.

Двете репрезентации се сретнаа во финалето на ЕП 2020 на „Вембли“, при што Италија беше победник совладувајќи ја Англија со 3:2 на пенали, откако во регуларниот дел и по продолженијата немаше победник (1:1).

Но, по тој трофеј Италија остана без учество на СП 2022 во Катар, токму поради Македонија. Ние успеавме да ги елиминираме „аѕурите“ во првиот бараж меч за место на Мундијалот. Репрезентацијата предводена од Роберто Манчини ќе се обиде да се врати посилна во овие квалификации, па затоа денеска во Неапол се надева на голем старт и силни три бода против еден од најголемите ривали во групата во која освена Македонија се и Малта и Украина.

Италија нема загубено меч во европските квалификации веќе 24 години, кога Данска ја победи со 3-2 во 1999 година. Актуелните европски шампиони денеска ќе имаат тешка работа, бидејќи и „трите лава“ имаат квалитет за победа.

Покрај оваа средба денеска ќе се одиграат уште седум натпревари. Во оваа група Македонија се среќава со Малта. А во рамките на групата „Х“ ќе се одиграат три натпревари: Казахстан од 16 часот ја пречекува Словенија, Данска игра со Финска, а Сан Марино против Северна Ирска.

Во акција денеска се и репрезентациите од групата „Ј“. Таму Португалија го пречекува Лихтенштајн, Босна и Херцеговина игра со Исланд, а Словачка се соочува со Луксембург.

ПретходноСП во атлетика во 2026 година во полскиот град Торун
СледноНБА ЦИРКУС: Далас на едниот кош, Вориорс даваат поени на другиот (ВИДЕО)