Алкалоид го доби дербито со Бутел Скопје, на домашен терен славеше со 22-19 во меч од петото коло во плеј-офот. Ова е нова победа за дебитантот за кратко време над бутелци.
Избраниците на Кирил Лазаров добро влегоа во мечот, поведоа со 4-1, , но гостите со серија од 3-6 израмнија на 7-7. Домаќинот по последните 8-8, со четири гола во низа на одморот замина со позитива од 12-8. Пред крајот на првото полувреме се случи мала мешаница на теренот, гостинскиот ракометар Василевски доби директен црвен картон поради неспортиски потег кон Савревски. На момент настана хаос на двете страни, но ситуацијата брзо се смири.
На стартот на второто полувреме, гостите со серија од 4-0 изедначија на 15-15, на средината беше исто 16-16. Со играч помалку на теренот, Алкалоид успеа да врати со три гола во низа за 19-16 во 49 минута. Алкалоид поведе со плус четири, но овој меч го одбележаа бројните исклучувања а пред самиот крај црвен картон доби и Горгиев.
Ова не смени ништо позитивата од 22-18 на две минути до крајот беше доволна, Трајковски блескаше на голот.
Серафимов со шест гола и Митев со пет беа први стрелци, зад нив беше Џонов со четири погодоци. Кај Бутел Скопје, Николов имаше седум гола.
Во рамките на плеј-аутот, Јуниор К.В го победи Прилеп со 27-26 на домашен терен. Крстевски имаше шест гола, еден помалку запиша Фидановски. На другата страна Бикоски имаше осум погодоци, зад него со седум гола беше Шокоски.