Денеска сите очи на ракометните гурмани ќе бидат вперени во СЦ „Јане Сандански“. Тука за првпат оваа сезона силите ќе ги одмерат двата најголеми конкуренти за титулата, Вардар 1961 и Пелистер.
По четири кола во плеј-офот имаат перфектен скор „четири од четири“, па победата на оваа средба ќе значи голем чекор кон посакуваната цел – трофејот.
„Црвено-црните“ лани им го одземаа двата трофеја на битолчани, кои беа близу, но не ги искористија своите шанси. И двата тима претрпеа промени во составот, најмногу Пелистер, кој пред преостанатиот дел направи и тренерска смена. Јовиќ и Шундовски треба да биде џокерот за конечна радост во Битола.
На другата страна пак Вардар ги задржа домашните играчи, кои беа клучни за освојување на двојната круна и специјалисти за вакви дерби мечеви, кои странците не секогаш знаат како се добиваат.
Мечот е закажан со почеток во 18 часот, пред истиот двата клубови излегоа со бројни соопштенија, посакаа денешниот ден да биде вистински празник на ракометот, победникот да се решава на терен, а на трибините да има атмосфера која доликува како за еден дерби меч.
Покрај оваа средба, два часа порано Пролет го пречекува Охрид. Сите останати мечеви од плеј-оф и плеј-аут се одиграа вчера.