Нашата најдобра репрезентација утре, со почеток од 18 часот, ја чека нов предизвик. Се среќава со селекцијата на Ф. Острови и тоа во пријателски натпревар кој ќе се игра на Арената “Тодор Проески“ во Скопје.
Во пресрет на утрешниот меч, денеска на прес пред новинарите излезе селекторот Благоја Милевски, кој за овој дуел нема да смета на Адеми, Димитриевски, Зајков и Муслиу од оној првичен список, но затоа тука ќе биде младиот стопер Манев.
„За утрешниот меч нема да бидат во комбинација Димитриевски, Зајков, Адеми…се надевам дека сите останати ќе биде ок и ќе бидат во комбинација. Овој натпревар не смее да биде поразличен од било кој друг. Сите што се тука и кои ќе настапат мора да дадат се од себе за позитивен резултат. Кој ќе стартува ќе видиме дополнително“ посочи селекторот.
За утрешниот ривал тој кажа:
„Ф. Острови според анализите кои ги имаме немаат пораз на последните седум меча. Секако дека се издвојува победата над Турција. Против Молдавија покажаа дека по традиција играат со трка и сила,но и дека напреднале на тактички план. Максимално треба да бидеме фокусирани.Нема фаворити во денешниот фудбал и тоа ќе го кажам по којзнае кој пат. На ваков меч се испробуваат разни варијанти кои ќе ни помогнат за следните натпревари, за понатаму“.
Околу реализацијата и околу критиките, Милевски потенцираше:
“Околу реализацијата се поставени многу прашања. Нема играч кој не сака да даде гол кога е во шанса, само прашање е на ситуацијата. Однадвор се гледа дека е лесно, но не е. Критиките не ги читам ни пред ни после мечот. Критиката секогаш е добредојдена, но ако е издржана со факти. Тука сум за дебата и за мојата работа и за резултатите, но со факти“ заврши Благоја Милевски.