Македонската фудбалска репрезентација до 21. година ќе игра во финалето на мини турнирот во Анталија, каде што се наоѓа веќе неколку дена и каде што веќе одигра два натпревари. По лошото издание против Летонија, се рехабилитиравме против Финска, одигравме 1:1, па победивме на пенали, па сега во финалето на 28. ќе играме против Словачка.
„Навистина сум многу среќен што брзо и одлично успеав да се вклопам во тимот. Се чувствувам како да сум со години дел од оваа репрезентација. Функционирам одлично со сите, владее одлична енергија помеѓу нас играчите. Работиме напорно и максимално на сите тренинзи, сложни сме и мотивирани. Ги слушаме советите на селекторот, тој има јасна идеја како треба да играме, се трудиме максимално на сите натпревари и тренинзи да го одиграме тоа што се бара од нас. Подготвени сме за борба и докажување. Сакаме да покажеме колку вредиме.
Против Летонија немавме свој ден. Доминиравме во текот на натпреварот, но по наши грешки дозволивме да примиме три гола. Успеавме брзо да ги консолидираме своите редови, тоа го докажавме на дуелот со силната репрезентација на Финска. Одигравме цврст натпревар, со голема борба, пожртвуваност и трчање. Благодарение на тој пристап, на крајот излеговме како победници на тој тежок меч.
Останува уште последната средба против Словачка во овој подготвителен период. Сакаме да одиграме уште еден квалитетен натпревар и со победа да ги заокружиме овие подготовки во Белек.” – изјави македонскиот младински репрезентативец Стефан Деспотовски.