Филип Талески заедно со Дејан Манасков беа први стрелци во редовите на Вардар 1961 во победата над Пелистер од 31-24 во првата пресметка оваа сезона.
Македонскиот репрезентативец вели дека успеале да останат помирни по инцидентот на трибините, а за овој дуел максимално се подготвиле, а за тоа говори и добрата одбрана во вториот дел.
„Имавме доста грешки во првото полувреме, меѓутоа бевме мирни во главата и покрај тоа што се случи на трибините, тоа беше инцидентот. Сите играчи пред ова дерби бевме свесни дека оваа година ќе биде потешка во однос на другите во дербијата и одигравме максимално затоа што добро се подготовивме за противникот. Мора да одиме во Битола и да победиме и таму затоа што ако се браниш, лесно се прави пресврт, сведоци сме биле на такви натпревари. Знаевме дека ќе биде тешко, затоа што Пелистер дојде мотивиран во Скопје, но на крај победи вардарското срце“, изјави Талески по натпреварот.
Вардар сега е лидер на табелата во плеј-офот, со пет победи во исто толку одиграни меча, Пелистер е втор со 15 бода, три помалку од првакот, три повеќе од Алкалоид.