Првата пресметка меѓу двата најголеми кандидати за титулата заврши во корист на Вардар 1961, кој на домашен терен го совлада Пелистер со 31-24 (15-10). За „Црвено-црните“ ова е петти триумф, додека на другата страна за битолчани прв пораз оваа сезона. Врвот сега е во сопственост на бранителот на титулата.
Томовски беше маестрален, запиша 12 одбрани. Манасков и Талески со седум гола беа најефикасни, по пет гола запишаа Георгиевски и Леонардо. На другата страна Лесјак запиша осум одбрани, додека прв стрелец беше Пешевски со пет гола.
Црна дамка на големото дерби оставија најверните, навивачите на Вардар 1961 и Пелистер. Само што влегоа „Чкембари“ во салата, настана хаос на теренот, влетаа „Комити“ тргнаа кон трибината на битолчани. Ракометарите на македонскиот првак се обидуваа да ги смират своите фанови, додека ракометарите на Пелистер бегаа да не настрадаат во хаосот. Следеше прекин од половина час, по кој најдобро се снајде Вардар 1961.
Со серија од 5-0, искреирана од 25 минути до 33 минута, под водство на Манасков и Талески, избраниците на Владо Недановски поведоа со плус пет (15-11). Танкоски на момент го прекина налетот, но со нов погодок Вардар дојде на плус седум (18-11). Во ритам влезе и Леонардо. Беше и 19-12 во 36 минута. По последните 22-15, битолчани со серија од 3-0 намалија на 22-18 на средината на второто полувреме.
Сепак Вардар 1961 беше во налет, Томовски беше на ниво на задачата, а неговите соиграчи искусно ја чуваа победничката позитива од пет до шест гола. Печат дека ова ќе биде победнички ден стави Талески на четири минути до крајот одново зголеми на плсу седум (30-23).
Претходно во првото полувреме кое заврши во корист на домашниот тим (13-10), никој немаше поголемо водство од два гола.
Пелистер ќе мора многу да поправи до следната пресметка ако сака да се надева на титула.