Осумкратниот светски шампион во МОТО ГП, Марк Маркез нема да вози на трката за ГН на Аргентина поради фрактура на метакарпалната коска на десната рака.
На трката за Големата награда на Португалија, возачот на Репсол Хонда предизвика инцидент и го закачи Хорхе Мартин на Прамак Дукати во вториот круг од трката на патеката во Алгарве, а потоа го турна Мигел Оливеира. Маркез ја прифати целосната вина за инцидентот и истакна дека тоа се случило затоа што му се закочило предното тркало, а не затоа што се обидел да претекне во речиси невозможна позиција.
Поради тој инцидент, Маркез беше казнет со двоен долг круг на трката за ГН на Аргентина. Веднаш по трката било констатирано дека Маркез има скршена коска на раката, поради што лекарскиот тим објавил дека не смее да вози.
„Операцијата помина без компликации. Донесовме одлука да ја пропуштиме втората трка од сезоната за да може целосно да се фокусира на закрепнувањето и да се соочи со следните предизвици во најдобра можна состојба“, велат од неговиот тим.