Најтрофејниот македонски одбојкарски стратег Јошко Миленкоски и неговиот тим ПАОК од Солун се на чекор до обезбедување на пласман во финалето на грчкиот одбојкарски плеј-оф. ПАОК со далеку помал буџет од двоецот најголеми фаворити во грчката одбојка, Панатинаикос и Олимпијакос, сезоната ја заврши на 2. место во поредокот и во полуфиналните пресметки со ПАО веќе славеше на првите две средби од плеј-офот (3:0 и 3:2) со што дојде на само една победа до големото плеј-оф финале во кое ќе игра со Олимпијакос, кој исто така има 2:0 во партии во полуфиналето против Милон.
„Имавме извонредна недела. Две победи против Панатинаикос во полуфиналето на плеј-офот и една против Олимпијакос како за крај на регуларната сезона. Не можам да бидам незадоволен. Сега сме на една победа до големото финале со Олимпијакос. На сите ни е јасно кој е фаворит, но ПАОК покажа дека годинава игра на победа на секој меч“, вели Миленкоски, кој во грчките медиуми веќе е опишан како човекот зад кој лежи успехот на ПАОК оваа сезона.
„Ако има еден човек кој веруваше, верува и ќе верува во ПАОК, тоа е нивниот тренер, Јошко Миленкоски, кој напорно работеше за успесите на тимот и претставува лицето на успехот во досегашниот тек од плеј-офот. Миленкоски никогаш не го положи оружјето, верувајќи до крај во своите играчи. И сега, полека се оправдува сето она што со напорна работа го изгради во ПАОК од септември, па се досега“, пишуваат во коментарите грчките новинари за изненадувачките резултати на солунскиот тим.
Третиот меч од полуфиналната серија меѓу ПАОК и Панатинаикос е закажан за 5 април. Мечот ќе се одигра во Солун, а навивачите веќе бараат билет повеќе за средбата. Се очекуваат повеќе и од 3000 гледачи на трибините за овој решавачки дуел.