На трите денешни дуели од плеј-аутот во домашното ракометно првенство имаше одлични пресметки. Највозбудливо се чини беше во Прилеп, каде домашните во неизвесна завршница славеа над Куманово со 23-22. Лидерот во плеј-аут зоната го претрпе првиот пораз, а прилепчан дојдоа до вредна победа со која го зацврстуваат третото место на табелата.
Прилеп одигра одлично прво полувреме во кое успеа да направи предност од 12-7. Гостите одиграа многу подобро во вториот дел кога и успеаја да го направат завршниот дел од средбата многу интересен. Уште до средината на вториот дел Куманово дојде на 1-2 гола негатива и мечот влезе во неизвесна завршница, која на крајот сепак им донесе среќен крај на прилепчани.
Екипата на Голден Арт забележа нова победа откако славеа со 27-29 на гостувањето против Скопје.
Мечот мина во знакот на Леонид Киселовски од Скопје кој средбата ја заврши со 11 гола, додека кај Голден Арт Јанковски и Малинов средбата ја завршија со по 6 гола.
Струга во трката за опстанок во Суперлигата обезбеди голема победа против Радовиш со 31-21. Прашањето за победникот беше решено по само 30 минути игра. Струга на одмо замина со +10 (18-8), разлика која ја задржа практично и во текот на целото второ полувреме. Бугариновиќ и Маркоски со по 7 гола беа најефикасни кај домашните.