Попладнево во Битола, во салата “Боро Чурлевски“, во меч од 6.коло од плеј – офот, во нашата елитна ракометна лига, домашните ракометари на Е. Пелистер со 32:24 успеаја да слават против составот на Охрид.
Натпреварот се одигра пред мал број на гледачи, нешто несвојствено за ракометна Битола, и тоа поради бојкото на “Чкембари“ кои најавија дека веќе нема да го следат својот тим до крајот на сезоната.
Гостите само во почетната фаза беа колку – толку рамноправен противник кога резултатот беше 3:3. Потоа следуваше серија на битолчани за водство од 7:3, а потоа и од 10:6, за да на пауза се замина со резултат 17:8.
Во текот на второто полувреме и покрај настојувањата на Охрид барем да се приближи резултатски, па и закани, сепак далеку поквалитетниот тим на Е. Пелистер ја одржуваше предноста и тоа без некои поголеми проблеми, па на крајот резултатот гласеше 32:24.
Ова беше петтата победа на Е. Пелистер по одиграните шест кола, тој единствен пораз битолчани го доживеаја во Скопје, во ракометното мега – дерби против Вардар.
Што се однесува до стрелците Костески и Пешевски стрелаа по шест пати, додека Кузманоски погоди во пет наврати. Кај гостите најефикасен беше Каракоќ со седум голови.