МЗТ Скопје го совлада Задар на домашен терен со 84-80 во рамките на 24. коло во АБА-лига. Сонот за опстанок во ова друштво остана, Борац вечерва загуби, а македонскиот првак победи. До крајот остануваат уште две кола, за кои математиката останува иста. „Сино-белите“ треба да бидат перфектни, додека противникот да ги загуби и тие две средби за претпоследното место на табелата, кое носи бараж меч.
За избраниците на Драган Николиќ ова е петти триумф оваа сезона, до него дојдоа по голема драма иако во еден момент водеа со 23 коша разлика. Наместо лесни бодови, на крајот гледавме драма.
Кефи постигна 21 поен, 15 поени и 11 скока имаше Мицовиќ, додека Кук беше реализатор на 14 поени.
МЗТ Скопје одигра одлични 15 минути оваа сезона. Особено од крајот на првата четвртина до првите пет минути од вториот дел кога поведе со највисоки 40-27, благодарение на серијата од 18-2.
Актуелниот македонски првак знаеше дека нема право на грешка, особено по поразот од директниот противник Борац за опстанок во јадранското друштво. Темпото го наметна уште на стартот поведе со 7-2, одлично расположен беше Кефи, кој во првата четвртина постигна три тројки, а во едно полувреме реализираше 18 поени. Полека, но сигурна МЗТ Скопје го зголемуваше водството. Противникот на другата страна после таа 15 минута успеа на одморот да намали на 52-39.
Во третата четвртина падна темпото, кошаркарите на македонскиот тим наместо мирен напад, правеа серија на грешки, влегоа во криза од која не излегоа. Противникот знаеше добро да казнува, направи серија од 12-3 и дојде на 68-62, а потоа и на 70-65, резултат со кој се влезе во решавачките десет минути.
Победа на „сино-белите“ веќе беше ставена под знак прашалник. Во последиот период, одбраната беше нешто подобра, исто и нападот. Со тројка и два поени на Кук, во 33. минута го врати двоцифреното водство 79-67. Ниту ова беше беше доволно за сигурен триумф, гостите дојдоа на 79-75 во 16. минута. Мицовиќ погоди тројка за 82-75, но потоа МЗТ не искористи пет напади да го реши мечот. Задар, благодарение на Божиќ и Жганец намали на 82-79 на нецела минута. Кефи не реализира напад, па во последните 12 секунди беше вистинска драма. Чампара имаше во серија четири слободни фрлања, погоди само едно за за 82-80 на осум секунди до крајот. Кефи зголеми на 84-80.