Викенд за нови возбудувања во домашниот ракометен шампионат. Лидерот на табелата и актуелен бранител на титулата, Вардар 1961 е гостин на дебитантот Алкалоид. Оваа сезона овие два тима двапати се сретнаа, првата средба беше подраматична, Вардар на име искуство во финишот успеа да го совлада младиот состав, додека на реваншот славеше поубедливо.
На другата страна избраниците на Кирил Лазаров како дебитанти веќе најавија дека од сезона во сезона ќе бидат тврд орев за големите имиња, тие се на третото место на табелата кое носи излез во Европа. Мечот е закажан со почеток во 20 часот во салата во Автокоманда.
Во плеј-офот денеска ќе се одигра уште еден меч, исто во Скопје. Пролет е домаќин на Пелистер 2, мечот стартува во 19 часот.
Седмото коло ќе биде комплетирано утре Охрид игра со Бутел Скопје, додека Тиквеш е домаќин на Пелистер.
Во плеј-аут лигата Голден Арт ќе го пречека Прилеп во 12:30 часот, додека пак Радовиш е домаќин на Скопје (18 часот). Во недела Куманово го пречекува Вардар Неготино, додека Јуниор К.В оди по нови бодови против Струга на домашен терен.