Тренерот на Милан, Стефано Пиоли призна дека малкумина очекуваат Росонерите да го исфрлат Наполи во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Тој го изјави ова во пресрет на утрешната пресметка на двата тима во Серија А, нагласувајќи ја и важноста на последните два месеци од сезоната.
„Постои можност повторно да играме со четири бекови, иако би рекол дека ги користевме двете формации во последните недели. Ако играме како Милан, можеме да победиме. Ако не играме како Милан, ризикуваме да загубиме. Ова беше последна пауза пред последните два месеци. Можеме многу повеќе со остатокот од сезоната. За време на паузата им кажав на момците дека ништо не е сменето.
Пред една година никој не се обложуваше на нас да го освоиме Скудетото и сега малкумина веруваат дека можеме да го поминеме четврт-финалето на Лигата на шампионите и да завршиме во топ 4. Ова е сезона која може да биде славна, но и неславна. Веќе не е важно што се случи минатата година. Мора да се концентрираме на преостанатите 10 натпревари во првенството и 5 натпревари во ШЛ“, изјави Пиоли.
Наполи ќе биде без најдобриот напаѓач Виктор Осимен, меѓутоа составот од југот има одлично скоцкана екипа.
„Виктор Осимен е очигледно силен играч, но Наполи ги доби сите седум натпревари без него. На моите одлуки нема да влијае неговото отсуство. Верувам дека тренирам многу одговорен и кохезивен тим кој знае да работи на одреден начин и не е под влијание на она што се зборува надвор. Знаеме дека ни претстои многу важен крај на сезоната. Свесни сме дека поминавме многу подобро во ЛШ и многу полошо во првенството, но можеме да стигнеме.
Утре ќе ги изберам играчите кои ќе ми овозможат да играм најдобро, имајќи предвид дека и замените можат да ја направат разликата во еден ваков деликатен натпревар. Наполи покажува многу поголема константност од нас во првенството. Последните два месеци постојано беа на високо ниво. Мислам дека не заслуживме да го загубиме првиот натпревар против нив во кампањата. Сепак, во Лигата на шампионите ќе биде поинаку. Таму има и други фактори на кои не може да влијае утрешната средба“, прокоментира Пиоли на денешната прес-конференција.