Италијанското калчо вечерва ќе понуди едно исклучително дерби на лидерот на табелата и актуелниот шампион. Наполи кој забрзано чекори кон Скудетото вечерва на својот стадион го пречекува актуелниот бранител на тронот, Милан во најинтересниот меч од тековното 28. коло во Серија А.
Само вторпат во својата историја Наполи ќе се соочи со Милан со предност од повеќе од 15 бода во однос на големиот ривал. Со надеж дека конечно ќе стават крај на 33-годишното чекање за освојување на Скудетото многу пред да заврши сезоната во јуни, избраниците на Лучијано Спалети ќе започнат со многу самодоверба, особено по убедливата победа над Торино со 4-0 пред репрезентативната пауза. Интересно, ова ќе биде четврти дуел на овие два тима оваа сезона, при што Наполи веќе победи со 2-1 на „Сан Сиро“ во септември, а овој втор првенствен натпревар е шанса домаќините да ја одржат неверојатната предност од 19 бода на врвот на табелата.
„Росонерите“ можеби победија на двете последни гостувања во Неапол, што некако може да им даде грутка надеж дека тоа можат да го направат и трет последователен пат. Во последните девет кола од Серија А, само Лече претрпе повеќе порази од Милан, што е сериозен сигнал за Пиоли.
Голем проблем за Наполи ќе биде неиграњето на Осимен, кој се здоби со повреда на адукторот за време на настапите за Нигерија во квалификациите за Купот на африканските нации и тој ќе биде надвор од терените најмалку две недели.
Милан, во меѓувреме, најверојатно ќе биде без својот фронтмен Златан Ибрахимовиќ, кој штотуку се врати од долгото отуство, па повторно се пожали на проблем со повредата на бутот. Со повреда е и Пјер Калулу.
МОЖНИ СОСТАВИ:
НАПОЛИ: Мерет; Ди Лоренцо, Ким, Рахмани, Руи; Ангиса, Лоботка, Желински; Политано, Симеоне, Кварацхелија
МИЛАН: Маињан; Калабрија, Кјаер, Томори, Хернандез; Бенасер, Тонали; Дијаз, Круниќ, Леао; Жиру