Тимот на Шкупи, актуелниот бранител на титулата во домашниот ПМФЛ шампионат, во рамките од 25. коло денеска шокирачки загуби од тимот на Скопје со 0:1. Од тим кој грчевито сезонава се бори за опстанок, мака мачи да се одбрани, а уште повеќе да постигне гол но тој едниот ете, денеска ги однесе бодовите од Чаир и ги смести на Автокоманда.
Херојот на „Пиратите“ се вика Анид Абази. Момчето кое минатата сезона го носеше дресот на Шкупи, но далеку од тоа дека доби било каква шанса да покаже што може. Епа, очигледно дека може, а Шкупи тоа го дозна на најтешкиот можен начин. Абази и Азер Омерагиќ годинава се дел од тимот на Скопје, лани настапуваа и обајцата во Шкупи, а годинава ете, му ја земаа титулата што се вели на својот екс тим. И обајцата неправедно одстранети, и обајцата Чаирски деца, а како замена донесени играчи кои се се само не засилувања. Со денешниот пораз, Шкупи може речиси и да се збогува со нов трофеј во домашниот шампионат. Но, зошто, што се случи?
По смената на Гоце Седлоски дојде новиот тренер од Турција, Џихан Арслан кој денеска го имаше најлошото можно деби. А од таму, делегирани преку „далечинско“ не функционираат ниту насоките на газда Ајдин Олгун кој очигледно дека влече погрешни потези сезонава, па Шкупи е далеку од она што треба да биде. Не чини Седло, ама не чини ниту Арслан по се изгледа. Проблем е кога некој ти кажува од далеку што да правиш.
А атмосферата? Е таа „врие“ на Чаир. Нема победнички менталитет, нема победнички дух, а нема ниту поддршка од трибините. „Шверцери“ денеска ги немаше, и тие очигледно бојкотираат, а детските извици „судија п…“ на Шкупи не му донесоа никаков стимул за позитивен резултат. Напротив, Шкупи западна во резултатска, играчка и организациска криза која ќе донесе се само не успех сезонава.