Коментар на 25.коло: Хероите од Автокоманда, Струга ТЛ во еуфорија, Шкендија во налет…а Шкупи,…ех, Арслан, Арслан!

507

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Мина и 25.коло, прво по репрезентативната пауза. Разврската на ова коло оди на штета на Шкупи, и тоа по своја заслуга. Скопје си дојде на Чаир, си победи и ги остави во солзи сите во редовите на актуелниот шампион. Се чини му грабна на Шкупи три златни, три големи како планина, бодови. Сега Шкупи заостанува зад Струга ТЛ дури 7 бода, и сега е трет. Се чини дека со овој пораз и дефинитивно шампионот ја предаде “борбата“. Ова не беше нокдаун, туку класичен нокаут за чаирчани.

А гостите се херои, одиграа како што треба, како што треба за да се победи еден Шкупи. И тоа по нотите на стратегот Мирсад Јонуз. И кога е така, а така е, тогаш јасно е дека сите честитки по ова коло одат на адреса на хероите од Автокоманда.

Новиот стратег на Шкупи, Џихан Арслан, ниту во сон не помислуваше дека ќе има вакво ужасно деби на клупата на чаирчани.

Од овој расплет на Чаир најмногу се израдува Струга ТЛ. И тоа како на стружани добро им дојде тој пораз на тимот на Чаир зошто тие си ја зголемија разликата, пред сега третиот на табелата. Сепак Струга ТЛ својот дел од работата мајсторски си го одработува, си ја “смачка“ за дваесет минути една А. Пандев. Така играат шампионите, или така игра тимот кој е на чекор до титулата. Или најпосле, така играат оние кои сакаат да бидат шампиони.

Но треба да се внимава на Шкендија, тетовци се во супер – серија од четири победи по ред, или освоени 16 бодови од можни 18 на последните 6 средби. И затоа сега Шкендија е најопасен ривал на Струга ТЛ.

Од Дербито на Истокот се очекуваше многу, многу повеќе. Брегалница и Тиквеш, посебно “сините“, можат многу повеќе. Сепак серијата на непоразеност на Брегалница под водство на Горан Здравков останува.

Работнички си тера по старо. Ужасната серија ја продолжи во Ѓорче. Ова за тимот од Градски, за некогашниот гигант во мак – фудбалот е четврти пораз во низа, петти на последните шест меча. Среќа што Победа речиси е во Втора лига, инаку ќе имаше “смешки“.

Додека Македонија ЃП со новиот тренер Горан Симов има две победи на исто толку мечеви, тоа е таа познат шок – терапија кога ќе донесеш нов стратег.

ПретходноЕспањол и Ваљадолид со тренерски смени
СледноАлфа и омега: Тричковски со гол извади реми за АЕК Ларнака (ВИДЕО)