Лутите ривали вечерва се среќаваат на уште „Ел Класико“. Барселона и Реал Мадрид по петтипат оваа сезона вечерва ќе го одиграат реваншот од полуфиналето на „Копа дел Реј“ на „Камп Ноу“. Каталонците одиграа одлично на првиот меч на „Сантијаго Бернабеу“ од каде донесоа водство од 1-0, па вечерва ќе се обидат да ја задржат предноста и да обезбедат финале со Осасуна во битката за еден од сезонските трофеи на Пиринеите.
Барселона предводена од Чави има повеќе причини за задоволство во пресрет на денешниот дуел, зато ашто тимот се одлепи на врвот на табелата во Ла Лига и е на добар пат да ја осигура титулата. На дуелот со Елче, Барса викендов беше убедлива со 4:0 и тоа беше исклучително добра најава за денешната голема пресметка со лутиот ривал. Инаку, Барселона ќе се обиде да стигне до финалето на Купот на кралот по осмипат во последните 10 сезони, а последен пат беа елиминирани во оваа фаза откако победија на првиот меч во сезоната 2006/07.
Одлична увертира зе денешниот меч имаше и Реал. Мадриѓани го прегазија Ваљадолид со 6:0 викендов и придонесоа за тренерската смена кај гостите. Карим Бензема за седум минути успеа да постигне хет-трик на овој меч и голгетерски да влезе во подготовка за денешната пресметка. Реал Мадрид не успеа да стигне до финалниот меч во Купот на кралот од сезоната 2013/14 кога токму во финалето ја победи Барселона.
Во нивните четири пресметки во тековната сеозна, Барселона трипати излезе како победник. За денешниот дуел Чави нема да смета на повредените Педри (тетива), Усман Дембеле (тетива), Френки де Јонг (тетива) и Андреас Кристенсен (теле). Што се однесува до Реал Мадрид, Анчелоти не е сигурен во настапот на Антонио Ридигер откако германскиот централен бек ја пропушти победата над Ваљадолид поради непријатност во коленото. Ферланд Менди сигурно ќе го пропушти мечот по новата повреда, но е враќа Начо по суспензијата.
МОЖНИ СОСТАВИ:
БАРСЕЛОНА: Тер Штеген; Кунде, Араухо, Алонсо, Балде; Кеси, Бускетс, Гави; Рафиња, Левандовски, Фати
РЕАЛ МАДРИД: Куртоа; Васкез, Милитао, Начо, Алаба; Крос, Чуамени, Модриќ; Валверде, Бензема, Винисиус