Македонската женска ракометна репрезентација вечерва (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ го игра првиот бараж меч за пласман на Светското првенство кое оваа година ќе се одржи во Шведска, Норвешка и Данска.
Селекторот, Љубомир Савевски и неговите избранички за противник ја имаат репрезентацијата на Украина. Станува збор за противник, кој е фаворит на оваа средба, но исто така не е непобедлив.
Заедничко за овие две земји е дека одамна немаат обезбедено место на еден Мундијал. Македонија 16 години чека да се врати на светската карта, последен пат играше на СП 2007 година, додека пак на другата страна Украина беше дел од Мундијалот во 2009 година, таму го освои 17. место.
Савевски потенцира дека Украина е за ниво подобро, но и дека „црвено-жолтите“ имаат свои шанси да дојдат до победа. Во нашиот табор се надеваат дека ќе имаат поддршка од трибините, влезот за оваа средба е слободен.
„Максимално се подготвуваме за Украина. Имаме шанси против исклучителен противник, кој за малку ќе ја елиминираше Хрватска во квалификациите за ЕП. Украина е силна, но не е непобедлива. Тоа што бевме домаќини на ЕП ни даде шанса да избегнеме силни противници. Мора да гледаме со оптимизам, се надевам дека ќе имаме поддршка од публиката на овој важен натпревар“.
Македонија и Украина се имаат сретнато во прелиминарната рунда на СП 2005 година, мечот завршил без победник.
РФМ на последната седница на Управниот одбор ја одреди и премијата за пласман на СП, таа изнесува 40.000 евра.