Ѓоргиевска: Имаме минус, но не се предаваме!

313

Македонската женска ракометна репрезентација одигра лошо прво полувреме против Украина во првиот бараж меч за пласман на Светското првенство. Избраничките на Љубомир Савевски не беа толку инфериорни колку што грешеа во првите 30 минути, во кои во еден момент имаа и негатива од осум гола 5-13.

Сепак сликаа по одморот се поправи, во еден момент и изедначија, но на крајот беа поразени со два гола разлика (22-24). Резултатот не е недостижен, но сега ракометарките ќе ја немаат поддршката од трибините.

Елена Ѓоргиевска причината за слабата игра ја гледа и малку во еуфоријата, малку во преголемата желба, но верува дека можат да направат многу повеќе на реваншот.

„Искрено не сум задоволна, затоа што се подготвувавме да бидеме дисциплинирани, затоа што изгубивме од еден ривал кој не е поквалитетен од нас. Можеби еуфорија, преголема желба, придонеса да направивме многу грешки во првото полувреме. Се надевам ќе го поправиме до следниот меч, односно да не се изгубиме како во првиот дел.

Ако одиграме како што го одигравме второто полувреме. Имаме минус, не искористивме на домашен терен да направиме разлика. Но не се предаваме, и ќе го дадеме максимумот за да одиме понатаму. На полувремето се договоривме да бидеме поконцентрирани и да не правиме толку грешки. Дисциплинирано влеговме во вториот дел и направивме се што можеме да го вратиме резултатот во нормала“, рече Ѓоргиевска.

Мечот меѓу Украина и Македонија се игра на 11. април во унгарскиот град Кишварда.

ПретходноПМФЛ: Јонуз слави роденден, а неговите “пирати“ ќе го предизвикаат лидерот, интересни дуели во Кавадарци и Струмица, Шкупи гостува во Прилеп!
СледноОдбојкарска „војна“ во Струмица, Јанта Волеј Форца нападнати на гостувањето кај Наковски (ВИДЕО)