Ракометарките не се предаваат, веруваат во чудо за мундијалска виза!

149

Македонската женска ракометна репрезентација денеска (17 часот) во Кишварда го игра бараж реваншот за пласман на Светското првенство. Избраничките на Љубомир Савевски на овој дуел влегуваат со негатива од два гола, откако на домашен терен беа совладани од Украина со 22-24.

Првото полувреме беше причината за крајниот исход, ракометарките одиграа под нивото, имаа голем број технички грешки, нереализирани зицери, но и бројни исклучувања, особено во првите десет минути во кои шест минути беа со играч помалку на теренот.

„Разликата во квалитет не е голема. Украинките покажаа брза игра, но и тие прават грешки. Во оваа ситуација со овие играчи мислам дека една мотивирана екипа која ќе почне добро, и да се поправиме, одиме да изненадиме во вториот меч. Немаме друг избор“, изјави селекторот на нашата репрезентација Љубомир Савевски.

Украина покажа зошто е фаворит, но исто така ги покажа и своите слабости, во вториот дел сликата се промени. Па токму играта во овој дел на „црвено-жолтите“ им влева надеж дека од Унгарија можат да се вратат со победа и виза за Мундијал, прва после пауза од 16 години.

„Ако одиграме како што го одигравме второто полувреме, имаме шанси на реваншот. Не ја искористивме предноста на домашниот терен и сега сме во минус. Сепак, не се предаваме и ќе го дадеме максимумот за пласман на Светско првенство. На полувремето се договоривме да бидеме поконцентрирани и да не правиме толку многу грешки. Дисциплинирано влеговме во вториот дел и го вративме резултатот во нормала“, рече една од најискусните Елена Ѓоргиевска. 

ПретходноОдличен потег на раководството на МЗТ Скопје: Влезот за дуелот со Цибона ќе биде СЛОБОДЕН!
СледноНаполи со Елмас во нападот ќе го напаѓа Милан на “Сан Сиро“!