Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти го коментираше претстојниот прв натпревар од 1/4-финалето на Лигата на шампионите против лондонски Челзи.
„Овој натпревар ќе се разликува од другите натпревари што ги одигравме во Лигата на шампионите. Мораме да го искористиме фактот што првиот натпревар го играме дома за да стекнеме предност пред реваншот. Сакаме да одиграме добар натпревар, а треба да се браниме добро, подобро отколку против Виљареал во сабота и ако е можно напад како што направивме на „Камп Ноу“ на реваншот од полуфиналето на Купот на Шпанија.
Моите фудбалери многу добро знаат кога да се шегуваат, а кога да бидат сериозни. Понекогаш се забавуваат заедно, но кога треба да бидат сериозни, не им треба помош за да го направат тоа. Управувањето со таков тим е многу едноставно“, изјави Анчелоти.
Италијанецот се присети на дуелите меѓу Реал и Челзи од минатата сезона. На првиот меч во Лондон Реал славеше со 3:1, а на реваншот во Мадрид „сините“ победија со 3:2 меѓутоа „Кралевите“ отидоа понатаму.
„Поминавме низ многу тешки минути со Челзи минатата сезона и покрај тоа што имавме големо водство во првиот натпревар. Мора да го почитуваме Челзи бидејќи има одлични играчи и на вакви натпревари со толкава мотивација го покажуваат најдоброто од себе. Имаат играчи на многу високо ниво.
Тажен сум поради тоа што му се случува на Челзи во моментов бидејќи имам одлични спомени од клубот и луѓето кои продолжуваат да работат таму. Јас сум фан на Челзи бидејќи таму поминав две добри години, но да бидам искрен нема да се вратам. Мислам дека Лампард врши одлична работа.
Имам 63 години и имам 20 години повеќе искуство од Френк, но тоа не мора да значи ништо. Тој е одличен тренер и фантастичен професионалец кој јас го тренирав како играч. Тој знае како да го подготви тимот за вакви натпревари. Мислам дека искуството нема да биде многу корисно за вакви натпревари. Тој пристигна само пред една недела и ќе биде добро додека е во Челзи“, додаде тренерот на Реал.