Пишува: Огнен Чак Дојчиновски
Во екот на турбуленциите кои се случуваат во таборот на Динамо Загреб, фудбалската икона на Хрватска, но и на Балканот, па ако сакате и во Европа, Македонија не остана имуна на сите тие случувања на „Максимир“. Немаше ни како да остане затоа што во Динамо со години настапуваат Аријан Адеми и Стефан Ристовски, па аналогно на тоа секоја информација, шпекулација или „трач“ беше со сласт впивана од нашата јавност. Двајцата наши капитени, едниот на Динамо, другиот на репрезентацијата на Македонија. Искусни, прекалени интернационалци, со стотици мечеви во нозете, беа што се вели во центарот на вниманието, а се покажа и зошто. Адеми замина за Кина и го направи трансферот на кариерата. Ристовски пак како што ете, видовме денес го потпиша новиот договор со Динамо и автоматски се изјасни какви му се плановите за во иднина.
По испочитуваниот протокол на релација прес служба на Динамо – Спортмедиа, конечно го имаме на линија капитенот на репрезентацијата Стефан Ристовски.
„Ма не сум толку тежок за пронаоѓање, но протокол си е протокол. Динамо е сериозен клуб, и мора да се испочитуваат процедури“ – со шега го почнува разговорот нашиот Рики со Спортмедиа, за веднаш да следува честитка за новиот договор.
„Благодарам, и веднаш да кажам дека имав усен договор веќе извесно време, со тоа што поради целата ситуација во клубот се чекаше момент само за да потпишам. Искрено, јас ниту се гледам на некое друго место, ниту размислувам за друг клуб. Јас сум во Динамо среќен, моето семејство во Загреб е среќно. Тука сум јас дома, што се вели. Без разлика дали имам или би имал некоја понуда која што финансиски ќе биде подобра за мене во моментов или во иднина, лично оние кои ме познаваат ќе се согласат со следново. Дека јас како Стефан Ристовски во одредена ситуација воопшто не ги ставам парите на прво место, иако тие се голем фактор во денешниот фудбал, туку пред се ситуацијата во која што се наоѓам. А Динамо во моментов за мене е правото место. Клубот е ТОП, навивачите се ТОП, ме почитуваат, ме сметаат за нивен, што за странец секако дека треба да е привилегија. Да, за тоа треба и да оставиш сериозен траг на терен, односно да одиграш како што треба, и целата оваа ситуација годиниве за мене едноставно е добитна“ – вели Ристовски.
Но колку е оваа цела промена е добитна за Динамо прашува Спортмедиа. Дали овие превирања, состаноци, собранија, откази, заминувања, доаѓања на функционери има влијание врз екипата.
„Нема. Во старт да ви го кажам тоа. Знам дека и во Македонија се следи се што се случува во Динамо преку медиумите секако и мора да кажам дека тоа врз екипата нема никакво влијаније. Нема ни како да има. Ова е сериозен клуб. Со огромен буџет, со повеќе годишен план, со стратегија. И како таков нормално е да има борба за превласт. И таа е легитимна. Нас тоа како екипа не не засега. Тоа се случуваше „горе“ во управата. Ние во соблекувалната сме нешто сосема друго. Далеку сме од тоа“ – вели Ристовски и поентира на оваа тема.
„Мислите дека јас како играч ги познавам тие луѓе. Искрено ви велам не. Огромен дел од тие луѓе кои се спомнуваа во јавноста јас не ги познавам“ – вели Ристовски.
ДИНАМО ПОСТОЕЛ И ЌЕ ПОСТОИ
Конечно, прашуваме за мислење како сега Динамо ќе функционира. Со нови челни луѓе со ликови кои досега не биле присутни.
„Динамо е Динамо. Постоел и ќе постои. Со и без секој кој бил дел од клубот. Во минатото или во сегашноста ако сакате и во иднина. Едноставно времињата се менуваат, но Динамо бил е и ќе остане сериозен фактор како во хрватски така и во европски фудбалски рамки“ – вели популарниот Рики. На прашањето што ќе смени новиот договор околу неговиот статус сега, како еден од најискусните тој вели.
„Во клуб како Динамо самото по себе се налага да искусните играчи влијаат врз оние помладите. Со совети, со сугестии, со авторитет ако сакате. Тоа се момци кои со 17, 18, 19 години веќе на пазарот вредат сериозна сума и може да „летнат во облаци“ што се вели. Ќе кажам дека неискуството ќе си го направи своето и добро е некој да има што ќе ги советува, упатува. Не само играчки, туку и карактерно. Тука мислам дека Динамо има направено добра стратегија во која што секако се гледам и себе си. Еден вид потпора на тие млади играчи од кои многу се очекува“ – истакнува нашиот капитен.
До неодамна, главна улога во тоа имаше еден и единствен Аријан Адеми. Нашиот репрезентативец, а долгогодишен капитен на Динамо, пред десетина дена направи трансфер во Кина. Милионски трансфер кој го чекаше долго време.
АКИ Е ЛЕГЕНДА ЧОВЕЧКА, ИГРАЧКА, СЕКАКВА…..
„Легенда…. играчка, човечка, секаква. Аки е еден голем човек пред се, неговите фудбалски квалитети ги знае цел свет, но како личност е „људина“. За да го опишам најдобро ќе се вратам на претходното прашање. Улогата на поискусните визави младите играчи. Во Адеми го имаа најдобриот пример. До последен ден најдобар на тренинг, најдобар на натпревар, мотиватор…. имаше веќе се договорено за трансферот на кариерата, а тој „гинеше“ на секој тренинг. Е тоа во Динамо и тоа како знае да се цени“ – вели Ристовски, а неговиот одговор самиот по себе наведува на следното прашање. Титулата во шампионатот на Хрватска.
„Нека Адеми биде пример како треба да се пристапи до крајот на сезоната. Имавме голема предност бодовна секако, но паднавме во форма. Сепак, мислам дека во овој следен, клучен ќе ја покажеме нашата вистинска сила. Титулата не смее да биде испуштена, а и нема да биде“ – вели за Спортмедиа, Стефан Ристовски.
Нашиот репрезентативен капитен секако дека има уште многу што да каже. На тема Динамо, на тема Македонија, на тема фудбал воопшто.
„Ма прашај ме што сакаш, знаеш дека кај мене нема друго освен, искрен одговор. Не ме прашавте за репрезентацијата ништо. Ок, ќе оставиме тоа за некоја друга прилика. Само на кратко од мене еве. Да бидеме сплотени, како едно како тим. Само така ќе направиме нешто повеќе“ – го заврши мини интервјуто со Спортмедиа, капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Стефан Ристовски.