Македонскиот кошркарски преставник во АБА 2 лигата, екипата на Пелистер, вечерва од 18 часот во Домжале против домашниот состав Хелиос ќе го одигра четврфиналниот меч од завршниот Ф8 турнир во регионалното кошаркарско натпреварување. Осумте најдобри тимови од регуларниот дел од сезоната од денеска ќе ги играат завршните натпревари низ кои ќе се бара пласман во АБА лигата следната сезона.
Битолските „зелено-бели“ во регуларниот дел од сезоната завршија на 8. место и затоа во оваа четвртфинална фаза за противник го добија најдобриот тим сезонава во натпреварувањето, Хелиос Домжале. Словенците во регуларната сезона завршија први со скор од 12 победи и само еден пораз, додека Пелистер имаше скор 7-6.
Словенците имаат позитивен биланс и во двете досегашни пресметки со Пелистер во ова натпреварување. Лани славеа со 85:81, а оваа сезона победија со 88:70. Нашиот тим ќе се обиде да направи изненадување и да обезбеди полуфинале.
„Ќе се бориме до последна секунда. Не сме тука само за да учествуваме. Кога веќе имаме шанса наше е да излеземе и да покажеме борба до последна топка. Треба да покажеме дека не случајно сме на овој турнир, но останува да видиме кој се ќе може да игра на овој турнир. Тоа е тоа што најмногу ме загрижува“, вели тренерот на Пелистер, Марјан Илиевски.
Ф8 АБА 2 лига – Домжале (Словенија)
Четвртфинале:
12.00 Подгорица – Златибор
15.00 Крка – Сутјеска
18.00 Хелиос Домжале – Пелистер
21.00 Борац БЛ – Широки