Новиот тренер на Севиља, Хозе Луис Мендилибар, ја изрази својата голема возбуда од дуелот со Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ во првиот четвртфинален меч во Лига Европа. Тој исто така беше категоричен дека неговата екипа ќе се обиде да ги притисне „црвените ѓаволи“ на својата половина за време на утрешниот натпревар.
„Размислуваме само за овој натпревар и за опоравување на играчите. Повредените тренираат на исто ниво со другите. Може да има фудбалери кои нема да играат утре, но ќе можат во недела. Но, сега мора да мислиме само на Јунајтед.
Мора да играме со нашето оружје, а не да мислиме само на нивното. Имаат многу добри играчи, но историски Севиља, иако не е фаворит, знае да игра на вакви натпревари. Мораме да бидеме во полето на противникот и да знаеме да се надигруваме со него. Треба да се обидеме да победиме овде.
Ова е како да ми се паднал џекпот, затоа што многу ми значи што сум дел од овој натпревар. Повредата на Маркус Рашфорд не менува ништо за нас. Тие што ќе играат одбрана мора да внимаваат на напаѓачите што ќе ги чуваат. Значи, ова не е промена за нас. Знаеме за неговата повреда од минатиот викенд, но и онака немавме некоја посебна тактика за него. Кој и да го замени ќе биде добар играч. Што се однесува до нашиот состав, оние 22-ца со кои пристигнавме имаат исти шанси за настап“, коментираше Мендилибар на прес-конференцијата пред натпреварот.