МЗТ Скопје дојде до посакуваната поебда на последната средба од регуланиот дел од сезоната во АБА-лига. Актуелниот македонски првак на домашен терен ја совлада Цибона со 87-74 и сега ќе навива за Будуќност против Чачак за да опстане во јадранското друштво, оваа средба се игра утре.
Кефи постигна 19 поени, два помалку запиша Бурсаќ, Кук имаше 15 поени, еден помалку запиша Војдан Стојановски.
Кошаркарите на МЗТ Скопје беа во негатива од 12 поени на одморот, со неверојатно добра игра во третата четвртина се вратија на голема сцена и ја запишаа седмата победа, има и 19 порази.
Избраниците на Драган Николиќ не го отворија мечот според очекувања, гостите поведоа со 3-9, па 5-11. На крилата на расположениот Бурсаќ, МЗТ Скопје врати со серија од седум поени во низа за 12-11, водеше и со три коша разлика (16-13 и 19-16), по што првиот период заврши со 19-21 во корист на Цибона.
Пад во концентрацијата во редовите на македонскиот тим, кој противникот максимално го искористи за целосен пресврт на дуелот. По 36-38 во 13 минута, Цибона која беше одлична во реализација за три поени (7/11 во првото полувреме) со серија од 5-15 на одморот замина со високи 41-53.
Во третата четвртина сликата целосно се промени, како на теренот да излегоа два различни тимови, секако ова одеше во корист на македонскиот тим, кој постигна 30 поени, а даде само пет. МЗТ Скопје приреди неверојатен кам-бек, добрата одбрана, борбеност и уште подобрата реализација ја вратија надежта.
Бурсаќ, Кефи, Војдан, Дамјан, Абу и Кук го вратија водството. Приредија магична серија од 22-2 за највисоки 63-55 во 28 минута. Цибона беше во шок, а македонскиот првак тоа максимално го користеше под нотите на своите фанови зголеми на 73-58 во 32. минута. Момците во „сино-бело“ имаа и плус 17 (80-63), доволно за еден мирен финиш и големо славје во СЦ „Јане Сандански“.
Дали МЗТ Скопје навистина ќе има шанса да опстане во АБА-лига ќе биде познато утревечер, мечот меѓу Будуќност и Борац е закажан во 19 часот.